НЕ ПРОПУШТАЈ

МОЕ ПОСЛЕДНО ОБРАЌАЊЕ ДО ЗОРАН ЗАЕВ

Ти синоќа одлучи да ги бојкотираш изборите на петти јуни. И тоа е в ред, ти си лидерот на најголемата опозициска партија, ти си промоторот на „бомбите“ и, во крајна линија, ти си човекот што врз себе ја презеде одговорноста да ја ослободуваш Македонија од стегите на груевизмот. Најави и дека твоите министри и наменските заменици – министри ќе ја напуштат Владата, што веројатно и ќе се случи, без оглед што нивната демисија ќе остане незаверена, односно без констатација на веќе распуштениот Парламент. Најави и дека ќе ги повлечеш своите членови од ДИК, бидејќи и таму има манипулации со проверката на Избирачкиот список и тоа токму од членовите на ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ. За тој потег доби и аплаузи, пофалби и неколку големи „брава“ од познати колумнисти и хроничари на состојбите во нашата држава. За разлика од нив, мојата дребност нема да ти аплаудира, ниту пак да те напаѓа за твојот потег, бидејќи ти си имаш свои причини, веројатно произлезени од некакви длабоки анализи и податоци за фактичките состојби околу реализацијата на Договорот од Пржино. Јас ги немам тие вести, информации и најнови податоци, бидејќи мојот начин на размислување не се раководи само врз содржината на голите факти, туку преку идентификација на процесите и тенденциите. А тие велат нешто друго.
Прво, резултатот од изборите нема да го донесе СДСМ, туку „Граѓаните за Македонија“. Ако си заборавил кои беа тие, да те потсетам – станува збор за неколку десетици граѓански и невладини организации, а пред сé, за неколку десетици илјади граѓани, кои на 17 мај минатата година го наполнија просторот пред Владата. Најголемиот дел од нив немаат, ниту сакаат да имаат било каква врска со СДСМ. Тие реагираат против режимот. И ќе гласаат против него, како што моите Центарци, и покрај сите агитации и притисоци на власта, ланскиот април излегоа на референдум да гласаат против менувањето на изгледот на ГТЦ. Влегоа во црните тефтери на вматрешната организација, ама нивниот процент на излезност, беше фасцинантен. Дали ги праша Граѓаните што мислат за бојкотот на изборите? Ги слушна ли нивните мислења и ставови?
Второ, на Груевски му одговара пролонгирање на политичката криза во Македонија. Без око да му трепне, заедно со Ахмети, ќе си истрча на избори, ќе си освои максимум можни пратеници, а потоа со месеци ќе се фемка со „меѓународната“ околу кредибилитетот на истите. Во меѓувреме, ќе ја укине СЈО преку Уставниот суд, ќе ја ангажира својата психолошко-пропагандна машинерија да го воспева твоето „цвикаторство“, ќе ги подбере оние малкумина судии и обвинители кои му откажаа послушност, ќе ги нафризира податоците од Избирачкиот список, козметички ќе ги „реформира“ медиумите и, во моментот кога ќе процени дека успеал да го демотивира мнозинството да излезе на избори, повторно за „атер“ на истата таа „меѓународна“ ќе организира предвремени парламентарни избори. Што ќе правиш тогаш? И тие ли избори ќе ги бојкотираш?
Трето, дали тебе ти е јасно дека немаме работа со нормална политичка партија, туку со инсталиран систем за тоталитарно владеење. Таквиот систем не ги препознава поимите „фер-плеј“, „даден збор“ и „добра волја“ кои се иманентни на сите политичари ширум светот. Системот на Груевски функционира врз основа на класични мафијашки принципи, познати како насилство, уцена, поткуп, застрашување и етикетирање. Очекуваш дека на Груевски, кој се соочува со долгогодишна затворска казна, ќе му проработи совеста и ќе ги прифати препораките на Прибе, односно стандардите за демократска разврска на политичката криза?
Четврто, овој режим треба и мора да се скрши само по куса постапка. Не на улица со протести и демонстрации од позиција на бојкотирана опозиција, бидејќи тој веќе докажал дека сето тоа може да го амортизира со контра-протести и контра-демонстрации. Треба да се уништи, да се згази и да се победи на избори. Тој не може да победи регуларно и фер. Тој ќе се обидува да провоцира, да лажира, да фингира, да заплашува, да провоцира, ама со зголемена контрола која што веќе постои, со навремени и координирани реакции на секој криминален обид, како и со храбар исчекор, кој сé уште не го гледам, груевизмот ќе биде сотрен. Знам дека ќе биде густо, ама зарем некогаш ни било лесно?
Петто, дали ние и понатаму ќе треба да се давиме во неизвесноста, нааканоста и лажната медиумска реалност и, што е најстрашно, ќе треба до бесконечност да чекаме некакви промени, додека полека ни згаснува жарот за мобилизација и активизам. Кого ќе мотивираш да излезе на гласање ако оваа агонија потрае уште шест месеци, или година?
Зоране Заев, ова се мои размислувања, кои можеш слободно да ги игнорираш, бидејќи отсега натаму, јас ќе водам своја битка. Твоите последни повици за општонародна мобилизација во услови на бојкот на изборите, јас ги доживувам како повлекување. Не сум научена да се повлекувам. Мојот покоен татко партизан не преговараше со фашистите. Излезе да се бори против нив. Дали си ти свесен со кого ние имаме работа, а?
Гордана Попсимонова

Close
WpCoderX