НЕ ПРОПУШТАЈ

Каролина Астеруд: Aко е проф. Мухиќ на листа, на било која и каква листа на СДСМ, живот ќе дадам, ама глас не давам!

Горе-доле ви е познат мојот став и за „ставени со кран„ имиња за пратенички листи и други високи функции во политиката , и за инстант-политичките кариери. Милион пати сум пишувала, дискутирала по ФБ, што се вели, „устата ми има пена фатено веќе„. Никој никому не му брани партиско-политички да се ангажира во македонскиот политички плурализам, и да го изоди патот, да го стекнува политичкото искуство и политичката зрелост. Никој никому не му брани да ја искористи уставната можност за независни кандидатури и листи. ОВА што пак се прави со листите на СДСМ не е никаква „отвореност на партијата„ за, демек, нови и свежи сили, или некакво си „засметување на специфичноста на моментот„, ОВА е само еден обичен среден прст кон се што е идеја, смисла, логика, концептуалност и што уште не во однос на партиско-политичкото организирање, и се што се знае за природата на политичките партии, и тука, и споредбено. Аманте, треба ли да потсетуваме дека партиите се организации, и тоа подразбира некои правила, карактеристи и законитости? Не се корзо и помини-замини! Не е опортунитет за “рецки ставање„ во нечие напуфкано „сиви„, па уште после такви „сиви„ , таквите типуси и типки да ги слушаме со јавни признанија од типот „јас никогаш не сум гласал на избори„, па ни за партијата која го ставила на највисоките политички функции, со највисоката политичка одговорност, за која, ни со срам, ни со перде,апла си кажуваат дека ниту како граѓани, со својот глас, не се квалификувале, не пак со нешто друго.

Аууу, која „величина„, покријте се бре со ќебе, тие и таквите, па уште редовно да ги трпам/трпиме да држат лекции за слобода, демократија, за политичка одговорност! Да потсетувам на другите пројавени аномалии и феномени што се изредија од и заради ваквите кадровски политики? Аман, доста со измислување на тркалото и доста со измислување на топла вода во партиските кадровски политики! Натаму, ова е, не еден, туку два средни прста за партиското членство, партискиот активизам,и се што тој подразбира, а особено, што се тој подразбирал во изминатата деценија за партиското членство на СДСМ. По милионити пат, овој инстант политички кариеризам во однос на највисоките функции во политиката, овој политички опортунизам, овој политички рингишпил, е докажана штета за здравјето и развојот, како на политичките партии и партискиот систем, така и на политиката во земјата кои тие партии последователно ја проектираат. А можеби најважно, овој Рајка-Радодајка пристап нема да донесе никаква политичка почит, ниту политички авторитет, кој ќе се материјализира во гласови на избори, напротив, само презир, исмевање и натамошна внатрепартиска ерозија. Значи, дупло голо. Ако кран-кадровската политика е „условот„ за гласови, во старт е непочит и нелојалност кон партијата, кон политичката идеологија и програмата, кон самата смисла и цел зошто се гласа за оваа-онаа партија. Следствено, и во најдоброто сценарио од соништата, имено, да се победи на избори, нема да се има политичката ефикасност и ефективност потребна за да се спроведе она за што е дадена власта. А за политичка одговорност, ич муабет да не правиме за оние со некаков си Ворхоловски пристап кон политиката на „дојдоа моите пет минути слава„ Едноставно, „машинеријата„,на сам почеток не е поставена како треба, и е без гориво, не пак гориво за цел еден мандат. На крај, за сето ова и не ме удри дамла, стара , хронична болест е ова во нашиот партиски систем, особено во СДСМ. Но, ме удри дамла од идејата проф. Ферид Мухиќ да биде на листа на СДСМ, ептен голема дамла, ептен признавам! Каква дамла, ма како гром да ме мавна директно во чело! На листа на мојата политичка партија , на листа на СДСМ, на листа на партијата која е за максимално почитување на уставното право на жената суверено и слободно да го планира породот, вклучително и преку уставното право на абортус? На листа на партија која ветува дека во првите 100 дена ќе ги санира сите уставни повреди на ДПМНЕ-ДУИ во тој дел? Па некој бре овде да не си ги измешал политичко-идеолошките џамлии, случајно? Па ова е прашање и право кое е „света крава„ на СДСМ и на сите нејзини сестрински партии, во контекст, надвор од контекст, и без контекст. Во време, предвреме, навреме, по време! Во сите просторни, временски и не знам какви други категории и димензии! Не сте смееле ниту да помислите, камо ли да го размислувате сериозно, па уште и после вака непроменет и јавно испрчен став од негова страна, небаре е значка за гордеење! Да, да, нека му е, ама во некоја друга партија, и на некоја и нечија друга листа, а може и со независна кандидатура, нека повели! СДСМ е за почитување на уставот и за почитување на уставно загарантираните права на жените! Ако не го мавнете од листа, ќе сметам дека тоа не е веќе така, и тогаш ниту СДСМ ќе биде моја партија, ниту јас ќе бидам нејзина членка, а сум од 1991 година, меѓу другото, токму и заради ова прашање и третман на правата и слободите на граѓанките! Тоа било едно од моите првични мотиви и моите првични каузи да влезам во (социјалдемократската) политика и партиски да се зачленам и активирам, да и дадам на политиката толку години од мојот живот, со се што тоа подразбира, во нашата земја (не дека ќе разберат Ворхоловците што значи и што подразбира сето тоа)! Така да, ако е проф. Мухиќ на листа, на било која и каква листа на СДСМ, живот ќе дадам, ама глас не давам!


Close
WpCoderX