НЕ ПРОПУШТАЈ

Потенцијално и реално

Жарко Трајановски

Доаѓа Миле кај Грујо и го прашува:
Миле: – Шефе, пред некоја година прекрасно ми ја објасни разликата меѓу барок и неокласицизам. Може ли сега да ми ја објасниш разликата помеѓу потенцијално и реално?“
Грујо: – Види Миле. На пример, потенцијално ние сме петти во Европа за водење бизнис, ама реално сме последна економија во Европа.
Миле: – Не разбирам шефе, дај некој друг пример.
Грујо: – Види вака Миле. Потенцијално, „Скопје 2014 чинеше 80 милиони евра“. Ама реално, досега чини 680 милиони евра.
Миле: – Шефе, затоа ли реално ги изгубивме минатите избори во „Центар“. Помагај шефе, пак не разбирам.
Грујо: – Еве ти друг пример Миле. Потенцијално, Мерцедесот што го купивме од 580 илјади евра беше за со него да се возат шеици и други странски инвеститори. Ама реално, ниеден шеик не инвестираше во Македонија и Мерцедесот беше купен за мене.
Миле: – Пак не разбирам шефе, зошто мораше реално да се откажеш од Мерцедесот. Фантазија беше.
Грујо: – Не сум се откажал реално, туку само потенцијално. Еве ти друг пример: Потенцијално, странски служби со жолти комбиња ја прислушкуваа пола Македонија, ама реално прислушкуваше Бате Саше со опремата што ја купи во Израел.
Миле: – Ама не разбирам шефе, зошто мораше и нас да не прислушкува кога ги праевме муабетите за твоите плацови на Водно.
Грујо: – Ете ти уште еден добар пример. Потенцијално, плацовите што ги купив за џабалак не беа мои, ама реално ги продадов за убави пари.
Миле: – Пак нешто ме буни.
Грујо: – Миле, ми текна одличен пример. Кога ги мењававме ДУП-овите и ГУП-овите за штабот тоа беа потенцијални промени. Ама кога си го изградивме партискиот штаб со украдените пари, е тоа беше реална промена.
Миле: – Шефе, стварно не разбирам што се тоа потенцијални промени.
Грујо: – Како бре не разбираш Миле. На пример, потенцијално Субрата Рој е најголем инвеститор во Македонија. Ама реално, нема 20 илјади крави на Меџитлија, а Љубаништа не е Лас Вегас.
Миле: – Шефе, примериве ти се одлични, ама уште не ми е јасно зошто ВМРО-ДПМНЕ тргна во кампања со слоган „реално“.
Грујо: – Па, потенцијално ВМРО-ДПМНЕ тргна во кампања, ама реално тргнав на избори за да си обезбедам пратенички имунитет.
Миле: – Не разбирам шефе, зошто тогаш и јас и Горде не сме на листа, па и нас ни треба пратенички имунитет. Знаеш ли колку истраги има СЈО покренато против нас?
Грујо: – Знам, Миле, знам. Ама не знам како не разбираш. Па, кој реално ќе гласа за мојот пратенички имунитет, ако на пратеничката листа има толку многу потенцијални криминалци?
Миле: – Пак не разбирам. Сакаш да кажеш дека не сме реални криминалци, туку потенцијални?
Грујо: – Се додека нема правосилна пресуда Миле, сме само потенцијални криминалци. Затоа и можеме да одиме на избори со кампања „реално“.
Миле: Шефе, а што реално ќе стане со нас потенцијалните криминалци кои нема да имаме имунитет по изборите?
Грујо: Е, тоа не знам Миле. Потенцијално, Хорхе пак може да ве аболицира, а реално може да наебете како тие што го снимаа Иљче на Халкидики.


Close
WpCoderX