НЕ ПРОПУШТАЈ

СКЕНДЕРБЕГ НА Д. МИХАЈЛОВСКИ

Атанас Вангелов

Книгата „Мојот Скендербег“ на писателот Драги Михајловски не е исцрпно и педантно напишана монографија; уште помалку романизирана биографија како, на пример, онаа на Морис Дрион за Александар Македонски (Alexandre le Grand. Le roman d’un dieu, 1958); најмалку научна (или со претензии да биде) расправа за култниот албански бранител на Круја, симбол на паналбанството. Како расправата “Георгија Кастриот-Искендер: крал на Епир и Македонија и втор Александар Македонски“ (2005) на д-р Петар Поповски,„по малку ексцентрична“ (273) според авторот на книгата „Мојот Скендербеј.“
Се работи за збирка раскази кои, ако се суди по нивните наслови („Бор“, „Плукајнца“, „Читачо“, „Магсистрант“) имаат малку или, за просечен читател, никаква врска со „вториот Александар“ каков што бил Скендербег за авторот на книгата „Георгија Кастриот-Искендер“. Насловите на тие раскази се, како што е обично и закон во уметничката литература – двосмислени. Првата, дословна смисла на расказите упатува на онаа што се дава во речникот на секој јазик: „бор“ е иглолисно, зимзелено дрво, „читачо“ е оној што чита итн. Втората смисла е фигуратива. До неа се доаѓа откако ќе се доврши читањето. Таа втора смисла, на која се крепи и од која извира нарацијата во целост, лесно допушта (поправо инсистира!) да се повлекуваат паралелии со настани од колективна (политичка и социјална) природа со оглед на времето кое го заокружува и смрзнува. Во тоа време (2001) јунаците од расказите на Михајловски се обидуваат да сфатат што „се случува во државата, каква е таа дивизија ‘Скендербег’ што ни ги напаѓа војниците и полицајците.“(7).
Убаво се гледа, од наводот кој штотуку го дадов, дека се работи за detail inutil – споредна, непотребна подробност – кажано со јазикот на структуралната критика. Ама и подробност обременета со силни скриени пораки. Тие пораки треба да ги разоткрие, да ги направи и да ги конструира оној што ја чита прозата на Михајловски. Тој не зборува, на тоа место, за легендарниот и култен албански јунак од 15-ти век кој, со својата љубов кон слободата набргу, по биографијата на скадарскиот католички свештеник Марин Барлетус, стекна европска слава. Тој зборува за сосем нешто друго. Зборува за некоја „дивизија ‘Скендербег’” која станала опасност и закана за државата во која (и) Албанците се власт и на власт (тогаш популарнуиот Арбен Џафери со неговата ДПА е коалиоционен партнер на војводата Љупчо Георгиевски, шеф на ВМРО-ДПМНЕ).
Некаде кон крајот, неименуваниот јунак на тој расказ кажува нешто кое треба да се разбере како отровно „огорчение“ (Конески) од гестот и наумот на таа „дивизија ‘Скендербег.’“ Таа го присилила да го напушти Скопје и да побара какво-такво спокојство во родната Битола како засолниште: „цела држава ни ја рушат“ вели и додава: „убиваат луѓе, незаконски се богатат, не плаќаат даноци, криумчарат дрога…“ Тоа го прават сегашните, далечни потомци на славниот и величиствен Скендербег кој херојски брани слобода, а го прават во држава во која имаат и се на власт иако таа власт ја делат со претставниците на етничките Македонци. Оние што ја командуваат, како и духовните творци на таа “дивизија ‘Скендербег’“, веќе ја туркаат на светлото на денот замислата за трета албанска држава на Балканот, решителен чекор кон сонот „сите Албанци во една држава“ откако пропадна сонот на Слободан Милошевиќ; можеби и ќе се остварерше да не беа „хуманитарните бомби“ (В. Хавел) на НАТО-алијансата во 1999.
Тоа „огорчение“ добива уште посилна и подраматична форма во расказот „Плукајнца“ во кој јунаците излегуваат од својата анонимност или се именуваат. Главен лик во тој расказ е Александра која паѓа во тешка депресија откако изгледала некој филм за англислката кралица Елизабета I за кој не се кажува ништо. Докторот кого го викаат напомош, умно заклучува дека Александра била здрава; нешто ја мачело,.ама за тоа немало лек ако не се смета времето како единствен лек за разболени души. Го викаат и попот кој е, по контраст, нешто како физиономиска спротивност на кускулето доктор: “еден висок, крупен маж, мешавина од лош богомолец и непоправлив хедонист.“ (39). Дијганозата на попот е следнава: „Нешто ја мачи. Нешто остро и болно. Нешто од кое бега. Ама Госпо е голем. Ако му е по волја ќе ја врати. Нема маж?“
Клучно место во дијагнозата на попот е прашањето „Нема маж?“. Тоа прашање треба да се поврзе со неговите хедонистички склоности кои уште на влегување „итро прегледа[ле] сè женско во куќата“ (39) од една, а од друга страна дава сугестија за тоа дека бегството на Александра (“Нешто од кое бега“) треба да се разбере како некој вид безнадежна потрага по лекот – маж. Така ја разбира таа сугестија и еден од браќата на Александра кој пламнува затоа што, во тој критичен момент, нејзиниот маж Крсто е во Албанија: „’Скендербег’, рече постариот брат и тресна со раката по маса. За него најде да пиши? Оние негојте ни ги горат децата [алузија запалените војници кај Карпалак] по планините, а зето мој роден баш во Скендербег се запна? Да не ослепе, да му ебам племето, па не гледа од кој народ е излезен? Ами не мој со ученоста што ја има за Крали Марко да пиши, за Кузман Капидан, за Болен Дојчин, за крало Александар? Ами заре малце јунаци рподила Македонија за кои вреди да си го помачи умо и газо. Шо се запна за тој качак, кољач, арамија. Од кога сне станале ние Турци?“ (40).
Сите тие огорчени детали кои излегуваат од устата на постариот брат на „забеганата“ Александра бараат неопходен коментар и појасненија за да може да се разбере основната наративна стратегија на „Мојот Скендербеј“. Се труди и успева убаво што е најважно, да влезе во свеста на припростиот, необразован или лошо образован Македонец, со многу катадневни житејски гајлиња кои ја уништија неговата надеж во убавата демократија (кон која, патем, јурна како овца на солило на почетокот од 90-тите), за да го фрли во блаженото утешение (и отров истовремено) носталгија по покојникот социјализам.
Наспроти таа темна, гневна и накострешната свест се постава една друга: учена, продлабочена и, во таа мера, толерантна. Како свеста на оној Крсто од болната Александра: бил „вистински, талентиран историчар-писател, нешто како Херодот, фон Хамер или Јуџин Барза…“ (40). Тој Крсто на болната Александра има своја верзија во Методија Бимбиловски од најдолгиот расказ „Магистрант“ на Драги Михајловски, кој упадливо се разликува од другите. Токму затоа и бара да му се посвети посебно внимание што и ќе – уследи.


Close
WpCoderX