НЕ ПРОПУШТАЈ

Отворено писмо до лигушите

Џабир Дерала

Ве нарекуваат курири. Со игра на големи и мали букви, ви даваат и други својства. Ве повикуваат на одговорност и мавтаат со стандарди и етика пред вашиот нос, но вие продолжувате со својата валкана, дил-ориентед, работа. Но, грешат. Не сте вие курири. Вие сте лигуши!

Прво сакав да ви се обратам како на магариња, затоа тоа што се употребуваат и во пејоративна смисла на зборот, за да означат тапоглави суштества кои теглат товар за некого. Сепак, магарињата се добри животни, издржливи и силни, нешто што вие не сте. Затоа, решив да употребам многу посоодветен израз – лигуши.

Ме снимате и фотографирате на сред улица, среде бел ден, во разговор со луѓе, а тоа божем скришум го правите, па со помпа го објавувате по вашите штали кои ги нарекувате медиуми. Како можете некого да снимате скришум, а тој да не се крие? Што ве плаши толку? Та јас гледам во камера и говорам без страв. Аха, па тоа и ви е проблемот. Вие гледате в земи и говорите тоа што ви диктираат во тиквите.

Сте ја известиле ли јавноста дека никогаш не сте ме побарале за изјава или информација? Мојот мобилен телефон е подостапен и од бројот на брза помош. Но, вие, лигуши, никогаш не сте ме побарале, бидејќи не ве интересира професијата новинарство. Едноставно, тоа не е функција на лигушите. Ваша задача е да се лигавите пред газдата и да сеете лаги и зло околу нив, да изградите слика за нив како за недопирливи и неприкосновени, за никој да не може да ги повика на одговорност за арамилакот.

Измислувате лаги и си играте со бројки и суми. На леток кој вашите газди го отпечатиле во стотици илјади примероци за потребите на нивната црна кампања, сте напишале дека ЦИВИЛ, организацијата која ја претставувам, примила 33.000 долари, за две недели подоцна да ја вратите старата приказна дека од Сорос сме примиле половина милион евра. Дај одлучете се за која лага ќе се држите!
Уште на почетокот на вашата црна кампања против нас, ви напишавме дека тие 33.000 долари и сите останати средства се од други донатори. Да, тоа се истите донатори од кои и вашите газди, узурпаторите, во името на граѓанките и граѓаните на Македонија, примаат милионски суми за уредување на плоштади, училишта, болници, инфраструктура, па ги прикажуваат како да се нивни „дела“.

Ве тужиме за лагите, навредите и клеветите, но го користите „чадорот“ кој вашите газди го имаат отворено над судството и регулаторите, па продолжувате.

Пишувате и зборувате сенешто за мене. Еден од вас објави скен од мојата лична карта со приватните податоци на неа… Ми се заканувате по животот мој и на моето семејство, повикувате на линч, на „посети“ од по 200-300 луѓе пред мојата врата, истурате валкани навреди и клевети секој втор ден. И сето тоа преку медиумите, јавно, без срам. Како да немате некој близок кој ќе се засрами од вас.

За приватните пораки што ги добивам, за кои во голем дел сте заслужни токму вие, лигуши, не сакам ни да говорам. Тоа се, колку неписмени, толку и монструозни пораки, со кои треба да се занимаваат само профили од типот полиција и обвинителство, но и психијатари.

Ги лажете сите, па можеби и себе си. Да не заборавам. Иако можеби изгледа како најмалку важно, мене не ми е – неписмени ви се текстовите и прилозите. Барем да излезевте со добро спакувана содржина! Бадијала им ги трошите парите на газдите кои, пак, толку ревносно крадат од народот. Си скокате в уста цело време. Или мислите дека луѓето се глупави. Тоа ли ве учат газдите? Дека луѓето се глупави и дека не помнат? Дека вие сте повластени и дека треба само да се натпреварувате во лигавење?

Колку чизми излижавте до сега? Колку марки излижавте за писма кои зацрнија безброј семејства?

Деновиве, ве гледам, збунети сте. И вашите газди се збунети. Поточно, вашите газди се во агонија. Чадорот кој вашите газди го поставија над судството и државата се кине под поројот од револт. Тоа се достоинствените и слободољубиви граѓанки и граѓани кои решија да го прекинат молкот. Се искина чадорот на газдите ваши, од дождот бомби на опозицијата. Па во таа агонија можат да планираат само од ден за ден. Дури ни вечерата не можат да ја дочекаат онака како што појадувале, бидејќи нивната ситуација се влошува од час во час. Го знаете тоа? А, лигуши?!

Во моментов, добар дел газдите ви се под оставка. Некои од нив си заминаа од земјава, а некои пакуваат куфери. Да се надеваме дека оваа година ќе профункционираат институциите на правдата, барем малку да бидат налик на СЈО, па ќе видиме дел од нив и в затвор. А вие?

Вие ќе останете со исплазени јазици, божем збунети, ќе пелтечите дека не сте знаеле… Но, нема да заборавите да се пофалите колку сте добри во лигавење и лижење чизми. Повеќето од вас сте толку безлични што лесно ќе се претопите во масата. И кога ќе почне „ловот на лигуши“ ќе почнете да цвилите и да молите за милост. Не грижете се, јас и моите другарки и другари ќе останеме доследни и ќе бараме да се почитуваат и вашите човекови права и слободи – нешто што вие ниту знаете, ниту сакате да знаете што е. Лигуши!


Close
WpCoderX